Со давањето на свечената изјава пред Собранието на Република Македонија, Стево Пендаровски и официјално ја презема функцијата претседател на државата.

По повод неговата инаугурација, во Собранието присуствуваат досегашниот претседател Ѓорге Иванов и претходниот шеф на државата Бранко Црвенковски, сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска, министрите во Владата, началникот на ГШ на АРМ, гувернерката на Народна банка, поглаварите на верските заедници,  претставници на судскста власт и на МАНУ.

На овој чин беа и гостите, бугарскиот претседател Румен Радев, српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот претседател Илир Мета и косовскиот претседател Хашим Тачи, министерот за надворешни работи на Црна Гора Срѓан Дармановиќ, грчкиот министер за надворешни работи Георгиос Катроугалос, заменик министерот за надворешни работи на Полска Мациеј Ланг, турскиот заменик министер за надворешни работи Фарук Кајмакчи и висок претставник на кабинетот на претседателот на Словенија Борут Пахор.

Инаугурација се одржува во рамки 96. собраниска седница, а почна со интонирање на македонската химна.

Честитка по повод инаугурацијата на Пендаровски претпладнево упати и премиерот Зоран Заев.

Пендаровски: Ќе бидам претседател на сите граѓани

Сакам јавно да кажам и да се обврзам дека ќе бидам претседател на сите граѓани, и на оние кои гласаа за мене, и на оние кои гласаа за моите противкандидати, како и на оние кои не излегоа на гласање. Првата работа што ќе ја направам е да подадам рака за соработка кон опозицијата, рече претседателот Пендаровски во денешното обраќање по повод неговата инаугурација.

-Ќе бидам претседател на сите граѓани. Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го почнеме граѓанското помирување зашто немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг, потенцира Пендаровски.

Шефот на државата го истакна и односот кон опозицијата кој, како што нагласи, е исто толку важен.

Најави дека ќе се бори против поделеноста во општеството, дека ќе ги штити правата на политичкото малцинство, дека максимално ќе се заложи за довршување на полноправното членство на земјава во ЕУ и НАТО, како и дека посебно внимание ќе посвети на меѓуетничките односи.

Според Пендаровски, нула ќе биде толеранција кон криминалот и корупцијата, а поддршка ќе даде и на граѓанскиот сектор и на медиумите.