Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 29-та седница на чиј дневен ред е Предлог – законот за задолжување со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за унапредување на основното образование, по скратена постапка.

Проектот е на Министерството за образование на чие чело е министерката Мила Царовска.сновно

На дневниот ред се и предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за библиотеките и на Законoт за заштита на културното наследство, по скратена постапка.

Пратениците треба да расправаат и по предлог измените на Законот за трговски друштва, на Законот за метрологијата, на Законот за заштита и благосостојба на животните и на Законот за идентификација и регистрација на животните, сите во прво читање.

На дневниот ред на оваа седница е и Информација за состојбата на тутунот од реколта 2020-2021 заклучно до 21.12.2020 година.

Седници на три собраниски комисии

Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за европски прашања, за финансирање и буџет и Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви, во прво читање е единствената точка на дневниот ред на седницата на Комисијата за европски прашања.

Пратениците членови на Комисијата за финансирање и буџет треба да дискутираат по Предлог- закон за задолжување со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по договорот за заем за финансирање на Проектот за модернизација на земјоделството, по скратена постапка, второ читање.

Комисијата за прашања на изборите и именувањата на денешната седница ќе ги разгледува барањата од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, од поранешен член на Регулаторната комисија за домување, а ќе расправа и за Утврдување коефициент за пресметување на плата на совети и друг тела во Собранието.