Новоизбраните членови на привремената ДИК денеска требаше да дадат свечени изјави во Собранието на Република Македонија и да стапат на своите фунцкии. Но, тој чин е одложен бидејќи собранискиот спикер Талат Џафери морало да замине во Приштина на комеморативна седница, по повод смртта на Адем Демачи.

Неофицијално дознаваме дека спикерот Џафери е зафатен и утре, сабота, бидејќи ќе има свадба, ја мажи ќерката.

Поради тоа свечените изјави се презакажани за понеделник.

Новоизбраните членови на Државната изборна комисија (ДИК), со привремен шестмесечен мандат беа избрани со 100 гласа „за“ експресно и без дискусија на 56. седница која се одржа во средата вечерта, по договорот што го постигнаа политичките партии и лидерите на средбата во понеделникот.

Претседател на ДИК е Оливер Дерковски предложен од ВМРО-ДПМНЕ, а Дитмире Шеху од ДУИ потпретседател. Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ, Јанакие Витановски, Борис Кондарко и Радица Ристеска од СДСМ, како и Енвер Салиу од Беса се членови на највисокото изборно тело во државата.

Со формирањето на ДИК се создадоа услови за организирање на најавениот есенски референдум за името.