Стела Асанж денеска изјави дека нејзиниот сопруг, основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, е политички затвореник, додавајќи дека американскиот претседател Џо Бајден треба да се откаже од „овој срамен случај“.

-Тој е новинар и го прогонуваат затоа што ја разоткри вистинската цена на војната во човечки животи, рече Асанж, обраќајќи се пред толпата пред судот во Лондон претходно денеска, каде основачот на Викиликс може да поднесе жалба против екстрадицијата во Америка, објави Би-Би-Си. Таа додаде дека случајот на Асанж е „порака до сите вас дека ако ги изложите интересите на оние кои ја започнуваат војната, тие ќе дојдат по вас“.

-Ова е срам за секоја демократија, рече Стела Асанж. Во пресудата на лондонскиот суд се вели дека Асанж може да поднесе жалба на целосно сослушување доколку Америка не даде „задоволителни гаранции“. Судот рече дека бара дополнителни гаранции од Америка за тоа дали Асанж може да се повика на Првиот амандман и дали може да биде подложен на смртна казна по екстрадицијата.

Америка бара екстрадиција на Асанж за објавување тајни воени досиеја во 2010 и 2011 година, а тој е обвинет за 17 точки за шпионажа, а доколку биде осуден, според неговите адвокати, може да се соочи со затворска казна до 175 години. Американските обвинители, сепак, тврдат дека казната нема да надмине 63 месеци. Во 2010 година, порталот на Асанж „Викиликс“ објави видео од американската армија, на кое се гледа како десетици луѓе, меѓу кои и двајца новинари на Ројтерс, беа убиени во напад на хеликоптери „Апачи“ во Багдад во 2007 година.

Оттогаш, Викиликс објави илјадници тајни доверливи документи и дипломатски извештаи кои ги критикуваат светските лидери на Америка, од рускиот претседател Владимир Путин до членовите на саудиското кралско семејство.