Денеска се одржува Советот за општи работи на ЕУ на кој министрите за европски прашања на земјите членки на Унијата треба да донесат одлука за одржување на првата Меѓувладина конференција со Македонија и со Албанија, но сигналите од Софија не даваат голем простор за надеж, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Португалија, која претседава со денешниот состанок, не се откажува од позитивна одлука, според нивните дипломати во Брисел. Дипломатските контакти на релација Лисабон – Софија се интензивираа во последните недели, а Португалија поднесе и конкретен предлог до двете страни, кој треба да служи како компромисно решение за Бугарија да ја крене својата блокада.

И покрај португалскиот оптимизам, македонската страна останува воздржана. Премиерот Зоран Заев во повеќе наврати посочи дека не сака да ги крева очекувањата на граѓаните за да се избегне ново разочарување.

Македонија, како и Албанија, од 2018 чекаат формално да започнат овие преговори со ЕУ за кои сега и двете земји ги исполнија сите услови, а воведена е и нова преговарачка методологија во ЕУ, на барање на Франција.

Сценаријата за одвојување на  Македонија и Албанија и понатаму кружат во дипломатските кругови во Брисел, иако мнозинството земји членки и челници на ЕУ изјавија дека се против оваа опција. Останува сепак дека Тирана, за разлика од минатата година, сега ги исполнува условите за старт на преговори, и има поддршка и од највоздржаните земји.

Се очекуваат бурни дебати денеска помеѓу министрите за европски прашања во Луксембург, каде што се одржува овој Совет за општи работи.

Португалија има целосна поддршка од сите земји членки на ЕУ за поднесениот предлог за надминување на блокадата на Бугарија, на Софија останува да одлучи дали повторно ќе го искористи ветото и покрај бројните критики од останатите земји членки дека ова вето не е принципиелно, но и дека повторно блокирање на Македонија испраќа негативна порака и во самата земја, како и во целиот регион, посебно кога е во прашање решавање на билатерални спорови.

Македонскиот државен врв гарантираше повеќе пати дека јазикот и идентитетот нема бидат жртвувани за почеток на преговори со ЕУ.

Веќе е познато дека во ширењето на оптимизмот од власта, уште преклани државниот врв летајќи од Брисел кон Скопје соопшти дека Македонија „доби датум за преговори“.

Почна министерскиот Совет на ЕУ на кој се одлучува за преговорите

Министрите за европски прашања на земјите членки на ЕУ пристигнаа во Луксембург утрово за Советот за општи работи на кој сите очекуваат одлука за првата меѓувладина конференција со Македонија и Албанија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Повеќе министри упатија поддршка за Македонија и Албанија пред почетокот на состанокот и побараа да не се блокираат овие две земји со оглед на постигнатиот реформски напредок кој треба да биде награден.

Бугарија меѓутоа за сега не дава знаци дека ќе попушти и покрај португалскиот дипломатски обид за медијација, а повеќето земји членки не се подготвени да ги одвојат Скопје и Тирана во овој дел од процесот.

Словачкиот државен секретар во Министерството за надворешни работи и европски прашања, Мартин Клус, изјави дека за Словачка процесот на проширување е многу важен и посочи дека денеска ќе се бара начин да се деблокира патот кон ЕУ за Македонија и Албанија.

-Со нетрпение очекувам позитивен одговор затоа што во прашање е кредибилитетот на ЕУ во регионот, кој е многу важен за Словачка, рече Клус.

Германскиот државен секретар Михаил Рот ја повтори германската позиција дека билатералните прашања не смеат да го попречуваат процесот на проширување, додека Литванија оцени дека политика на проширување и напорите на земјите кандидати не смеат да бидат компромитирани.

Охрабрувачки пораки пристигнаа и од Ирска чиј министер нагласи дека очекува исчекор денеска во политиката на проширување.