Денешната успешна вежба на припадниците на повеќе специјализирани единици на нашата и косовската полиција го покажа високиот степен на оперативна и професионална  подготвеност на ангажираните полициски единици, рече министерот Оливер Спасовски по завршувањето на вежбата „Потера“ на која беше демонстрирано „Спречување бегство и лишување од слобода на лица сторители на тешки облици на кривични дела”.

Вежбата се одржа на границата со Косово, во близина на Граничниот премин Јажинце, а нејзиното спроведување се темели на потпишаниот Протокол за соработка во превенирање на прекуграничниот криминал. Таа беше замислена како сценарио во кое се детектира присуство на меѓународна криминална група на територијата на Република Македонија, на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово, која преку координирано оперативно – тактичко делување беше лоцирана, а сторителите приведени.

– Наша цел беше да се проверат на дело оперативните капацитети во заедничкото полициско дејствување, да се усогласат сите потребни механизми за ефикасно и функционално спроведување на зацртаните планови и конкретни активности во дадена ситуација. Немам дилема дека ефикасно изведените вежбовни активности се јасна порака до јавноста, до граѓаните дека нашите две полиции се подготвени и решителни во намерата да го зачуваат јавниот ред и мир, сигурноста на граѓаните и безбедноста во двете пријателски  држави. Им честитам на сите учесници за покажаниот квалитет, за ефикасно и бескомпромисно справување со зададениот предизвик, истакна Спасовски.

По завршувањето на вежбата, министерот Спасовски и неговиот косовски колега Екрем Мустафа потпишаа Протокол за соработка меѓу двете министерства за вршење гранични проверки на железничкиот сообраќај, а директорите на полициите на двете држави потпишаа Протокол во областа на безбедност на поголеми јавни настани.