Досега не е прелдожена мерка што ќе значи толкава рестрикција – полициски час, затоворање на државата. Дали е тоа опција во наредниот период – да. Ако имаме прогресирање на пандемијата, зголемување на ширењето на болеста секако треба да се преземат дополнителни мерки, но тие мора да бидат димензионирани на потребите кои ги налага одредена ситуацијата, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во дневникот на Сител.

Според него, мерките треба да се носат постепено за да се види дали даваат резултати.

– Според анализите кои се правени во Комисијата за заразни болести, овие мерки кои ги имаме даваат одредени ефекти, веќе се намалува вирулентноста и преносот на вирусот кај населението, тоа веќе ќе го почувствуваме наредните денови, но тоа не значи дека тој тренд може така да се задржи. Ако имаме тренд на зголемување на нови заболени и ако има таква потреба, Владата е тука да носи нови одлуки кои значат и рестриктивни мерки. И сега сме подготвени да имаме нови мерки. Државата е тука и ќе направи се за да може да се заштити животот на граѓаните, здравјето и економијата, тие се клучни работи за да може да опстане државата, рече Спасовски.

Поддршката од Армијата за време на прогласената кризна состојба, вели тој, не е заради инцидентите, туку да и се олесни на македонската полиција која треба да ги остварува надлежностите и во другите области. Целта, додава, не е преку носењето на акцискиот план да видиме полицаец или војник пред секој ковид центар, туку тоа ќе се прави врз основа на оперативните сознанија и потреби.

– Кризната состојба се прогласува на територија на цела држава или на дел од неа, на јужната и северната граница ние имаме пет години кризна состојба за управување со кризата со мигрантите. Ова е состојба во која ќе може да се искористат сите државни капацитети, но и делови од приватниот сектор, со цел да се заштити животот на граѓаните. Вака можеме полесно да ги искористиме сите потенцијали, а се да биде координирано од еден центар. Кризната состојба не значи дека од утре нешто се менува радикално. Тековните обврски на граѓаните се одвиваат непречено. Ние четири дена сме во кризна состојба, а граѓаните ги извршуваат своите редовни обврски, рече Спасовски.

Тој апелира да се чуваме себе, биејќи така им помагаме на медицинските работници кои се борат за нашите животи.

– Ако ги почитуваме мерките се намалуваат шансите за пренесување на заразата, така помагаме и на самите себе и на здравствениот систем. Нема ништо поважно од животот и здравјето и затоа сите активности на Владата се насочени кон тоа, изјави Спасовски.

Тој посочи дека нашиот, но и здравствените системи во регионот и во Европа се под голем притисок од зголемувањето на бројката на заразени.

– Многу важно е да имаме персонал, многу време трае целата криза. Не само кај нас, во регионот, во цела Европа расте притисокот врз здравствените системи и затоа е важно да овозможиме функционирање на системот и многу е важна поддршката на медицинските работници, тие се на правата линија, тие се борат за нас. Затоа да си помогнеме на себе, на нашите блиски, а со тоа и на здравството, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.