Нема да бидат дозволени собири околу црквата „Свети Спас“ каде утре ќе се одбележува 151 година од раѓањето на Гоце Делчев, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во гостување во „360 степени“ на ТВ Алсат.

Тој посочи дека насатанот е од висок ризик и дека бил направен оперативен план кој не дозволува собири на граѓани за време на церемонијата. Право на присуство ќе имаат само лица што веќе се пријавиле дека ќе бидат дел од делеагциите за положување цвеќе на гробот на Делчев.

– Не, не може да има собирања во зоната која е во делот на обезбедување. Значи, не можеме да дозволиме да се организираат собири и било што друго во моменти кога имаме зголемени тензии. На основа на безбедносните проценки, на основа на сето она што е добиено како насока од Советот на безбедност, на основа на податоци и информации што ги прибираме и разменуваме меѓу инстиуциите, меѓу агенциите, ќе бидат преземени такви соодветни мерки, рече Спасовски.

Тој потврди дека ВМРО-ДПМНЕ има најавено поворка од партиското седиште до Св. Спас, но потенцира дека нема да им биде дозволен пристап до заштитената зона на лицата кои не се дел од делегација.

– Каде почнува и каде завршува заштитената зона е дел од оперативниот план на МВР и тие информации не може да се споделуваат во јавноста“, додава Спасовски.

Прашан според кој критериум се повикувани лица на „превентивен разговор“ во полиција во пресрет на настанот, Спасовски рече дека тоа било редовна процедура кога се организира настан од висок ризик. Рече дека меѓу повикани, најверојатно, има и припадници на навивачката група „Комити.“

– Разговараме за лица и структури кои потенцијално би можеле да го нарушат јавниот ред и мир. Тоа се лица со кои превентивно се раговара за да не дојде до било какво нарушување. Тоа се прави и за фудбалски натпревари и за други настани. Сигурно дека има претставници со кои е разговарано од сите навивачки групи, не само од тие и од други структури кои се претставуваат како дел од тие радикални структури. Знаете, имаше најави дека ќе има ноќни стражи и слично кои ништо друго нема да направат освен да се подигне тензијата. И затоа апелираме постојано и јас и од Владата, да се смират тензиите. Немаме потреба од такви работи, затоа што тука се институциите на системот кои треба да го заштитат јавниот ред и мир и да се обезбеди достоинствено чествување, рече Спасовски.

Целото интервју на ТВ Алсат може да го отворите ТУКА.