Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информира дека се издвоени 13 милиони евра од Буџетот на МВР за униформи, техничка опрема и возила – имплементиравме високи европски стандарди на материјално-техничката опременост на македонската полиција.

– Така, покрај униформираната полиција со комплет униформи (зимски јакни, високи специјални чизми, летни и зимски панталони, чевли со дебел и тенок ѓон, летни и зимски капи, кошули со краток и долг ракав, поло маички, полувисоки чевли, флуоресцентни елечиња) набавивме комплет униформи и за припадниците на сите организациони единици САЕ Тигар, ЕБР, ЕИП, ПЕП, Оддел за заштита на определени личности и објекти, Оддел за воздухопловни единици, напиша утрово Спасовски на Фејсбук.

Министерот за внатрешни работи потенцира дека одговориле на потребите за нова техничка опрема и возила.

– Единицата за обука и поддршка (ЕОП) беше опремена со возила и опрема 6 возила за справување со нарушен јавен ред и мир. Со цел модернизација на Хеликоптерската единица за полициски намени извршен е генерален сервис на летала, инсталирана е најнова дигитална комуникациска и навигациска опрема, ведро за гаснење на пожари, како и систем за гаснење на пожари. За потребите на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ извршена е набавка на интервентни возила, рачни радиостаници, тактички комплети, наведе Спасовски.

За Единицата за брзо распоредување, како што се наведува, набавени се транспортни комбиња, интервентни возила за јавен ред и мир, рачни радиостаници. За потребите не механичарската работилница во рамки на Единицата набавени се машини и алати, а опремен е и просторот на базата со набавка на душеци, ќебиња и постелнини, како и со професионални машини за пералната на Единицата.

Спасовски посочува дека покрај ова, МВР во овој период од сопствениот буџет набави и четири пловни објекти со цврсто корито, од кои два 6,9 – 8 метри и два 6,4 – 7 метри, 4 приколки и гумен патролен чамец за потребите на Граничната полиција.

– Го модернизиравме и возниот парк на СВР-ата, со последната набавка на 20 интервентни комбиња наменети за потребите на сите Сектори за внатрешни работи при Министерството за внатрешни работи, а кои се опремени со најнова високософистицирана опрема согласно поставените високи стандарди на работа на македонската полиција, напиша Спасовски.

Според Спасовски, остварена е целта за создавање модерна, опремена, стручна, ефикасна, но и задоволна полиција, целосно сообразена со стандардите и нормите на современите и квалитетни европски и светски полициски практики. Мотивираноста на полициските службеници, како што напипша, се рефлектираше во високи резултати во безбедносната состојба на подрачјето на целата држава.

 Фото: Фејсбук на министерот Спасовски