Министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ изјави дека 95 отсто од мигрантите доаѓаат во Србија од правец на Бугарија и Северна Македонија, така што дополнително ќе се зајакне ангажманот на полицијата на границата кон овие држави, како и дека наскоро ќе се формира штаб во Прешево, јави дописникот на МИА од Белград.
Гашиќ при посетата на Министерството за внатрешни работи (МВР) во Регионалниот центар на граничната полиција кон Бугарија, соопшти дека полицијата преку упорни акции на теренот прави се за да се сузбие нерегуларната миграција и да се уапсат шверцерите со луѓе.
-Припадниците на МВР на сериозен начин ја штитат државната територија и граѓаните, ќе ги преземе сите мерки за да спречи преминување на нерегуларните мигранти во нашата држава. Ќе останеме на овој простор, но и на северот од државата, се додека целосно не го решаваме овој проблем, рече Гашиќ , соопштија од МВР.
Србија според извештаите на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) се наоѓа на таканаречената „Балканска рута“ која и покрај жиците, камерите и заедничките гранични патроли е втора најактивна бегалска рута.
Според проценките на невладиниот Центар за помош на мигранти и баратели на азил, во Србија во моментов има околу 5.000 бегалци.
Фото: МВР на Србија