Македонскиот премиер Зоран Заев му понудил на лидерот на Либерално демократската партија на Србија, Чедомир Јовановиќ, да биде советник во македонскатаа влада за регионални односи и европски интеграции, пишува српскиот весник „Блиц“.

Според весникот, Заев и Јовановиќ имаат повеќегодишни добри односи кои биле интензивирани во текот на референдумската кампања. По неуспехот на референдумот, Јовановиќ изјавил дека Србија не треба тенденциозно да ги коментира резултатите од гласањето, туку да им помогне на Македонија, ако смее.

-Јовановиќ не одговорил на понудата. Му рекол на Заев: „Ако тоа што го сакаш ти, го сака и Вучиќ, подготвен сум, зашто никој друг нема да ги реши нашите проблеми, навел изворот на „Блиц“ за кој весникот тврди дека е добро информиран.

Јовановиќ понудил и создавање коалиција за мир, а на Заев му објаснил како тоа го замислил.

-Дел од коалицијата би требало да биде Скопје, дел Сараево, дел Белград, а секако би биле вклучени и Црногорците. Таа коалиција би ја туркала европската приказна и договорот на Белград со косовските Албанци. Би се нашол и некој модел за соработка, а потоа би и било предложено на ЕУ процесот на интеграција да се забрза за да не чека 30 години, зашто кој знае каде тогаш би биле земјите од регионот – објаснил соговорникот на „Блиц“.