Опозициската ВМРО-ДПМНЕ од среда почнува со организирани протести против антинародната и криминална власт, се вели во денешното соопштение од партијата.

– ИК на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната редовна седница донесе одлука во наредниот период да организира протести со кои што ќе се застане на патот на антинародната и криминална власт која секојдневно ја  зацрнува судбината на македонските граѓани. Првиот протест се планира за среда, 28 ноември 2018 година, на точно една  година од најцрниот и најмонструозно конструиран процес во кој што пратеници, заедно со уметници, актери, режисери и оперски пејачи се апсеа и приведуваа за измислен тероризам. Протестот ќе започне во 17 часот со место на тргнување од Плоштад ВМРО и ќе заврши пред владата на Република Македонија, пишува во соопштението.

Извршниот комитет на партијата заклучил дека од доаѓањето на новата власт државата само тоне, а граѓаните се обвиткани во црна сиромаштија.

– Ова е црно време за македонската економија, во кое образованието е девастирано, земјоделието тоне, здравството е во хаос и буквално секој сегмет на  општеството е завиен во црнило. ИК на ВМРО-ДПМНЕ констатираше дека државата од страна на СДСМ се води во целосно погрешна насока и дека истата само тоне во сиромаштија, криминал и корупција, соопшти партијата.

На синоќешната седница на Извршниот комитет била донесена и одлука за објавување јавен повик за кандидирање на членови на комисии на ВМРО-ДПМНЕ.