Потпретседателката на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска како неодговорна и несериозна ја оценува одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да нема конкретен став за претстојниот референдум затоа што, како што рече, се работи за историска шанса, кога сите заеднички треба да дадат придонес во решавањето на важно прашање.

Таа е истата политичарка која за референдумот за територијална поделба на Република Македонија велеше дека „има прашања кои не заслужуваат одговор“. Тогаш политичарката Шеќеринска ги убедуваше граѓаните дека за да се оди кон ЕУ и НАТО треба да се бојкотира референдумот, а сега истата личност има спротивен став за бојкотот на референдумот.

– Раководството на ВМРО-ДПМНЕ за сите овие години велеше дека граѓаните ќе одлучат за името на референдум, а сега кога има референдум тие бегаат и велат дека немаат став. Кога во политиката немате став, значи дека немате аргументи, односно дека знаете оти сте на погрешната страна, истакна Шекеринска.

Посетите на Македонија што ги прават важни политички личности од НАТО и ЕУ, според Шекеринска, е уште една потврда дека државата е насочена кон вистинскиот правец.

Според Шекеринска, светот ги отворил вратите за нас.