Иако верските слободи се загарантирани со Уставот, сепак во годишниот извештај на американскиот Стејт департмент за состојбите со верските слободи во Македонија се наведени повеќе случаи на владини практики во кои фигурираат верските разлики. Вашингтон меѓу првите го наведува судскиот случај против Јован Вранишковски, челник на нерегистрираната Охридска архиепископија.

Извештајот се однесува за состојбите во 2017 година и во него меѓу повеќе факти се наведува дека во земјата само еден процент се изјаснуваат како атеисти.

„Основниот суд Скопје лани во март го осуди Вранишковски, архиепископ на Охридска архиепископија, за перење пари. Владиката беше осуден на седум месеци затвор. Судот, исто така, нареди конфискација на земјиште на ОА во вредност од 140 илјади евра, што подоцна и се изврши“, се вели во извештајот.

Во него се нотира дека Европскиот суд за човекови права во ноември пресуди во корист на ОА, наведувајќи дека со одбивањето да ја регистрира како одделна верска група, власта ги нарушила првата на оваа црква за слобода на здружување и слободно практикување вера.

Во извештајот се споменуваат и случаи на антисемитистички говор на социјалните медиуми, вандализам во цркви и грабеж во џамија.

Исламската верска заедница (ИВЗ) забележала дека Владата ја фаворизирала Македонската православна црква – Охридска архиепископија, додека помали верски групи пријавиле нееднаков владин третман во споредба со петте верски заедници признаени со Уставот. Од друга страна, пак, се наведува дека МПЦ се пожалила дека општина Струга сè уште не донела одлука за изградба на православна црква во селото Белица и дека општина Тетово одбила да изгради пристапен пат до градската црква.

Според извештајот, Владата не ги вратила сите претходно конфискувани имоти на верските заедници во текот на годината.

Тие што ги следат извештатите на Стејт департментот ќе забележат дека повеќето од случаите се повторуваат десетина години.