Мислам дека е сосема соодветен прекар за нашиот ни претседателски кандидат, кој не само твитовите до Силјановска туку и ставовите си ги брише како со гума, сакајки да остане во рамките кои му ги наметнал газда Заев.

За почеток си го избриша сопственото име, не е веќе Стевчо туку Стево. Изгледа не му било по кеиф да дели име со лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски, а и веројатно му изгледало посериозно и порепрезентативно за еден претседател на ДИК, професор, советник и можеби иден претседател на државата.

Не така одамна пиши бриши Стев(ч)о беше згорзен како тоа некој се дрзнал да преговара за името во четири очи, за пет години подоцна ич да не му смета тоа што Заев и Ципрас се договорија да ја реименуваат Република Македонија и тоа да се реализира без оној државен консензус за кој Стев(ч)о така ревносно инсистираше – „Името не смее да се решава без државен консензус. Не партиски, не владин, не етнички, туку државен“ своевремено изјави за 24 Анализа. Не му засмета воопшто бришењето на Република Македонија и покрај неуспешниот референдум за кој и самиот потврди дека бил неуспешен. Логично е да не му смета, сопственото име си го променил па за државата.

„Не сакам да се бавам си организиран пренос или купување, продавање на гласови од Албанците. Тоа ми е туѓо, тоа ми е гнасно.“ Денес Стев(ч)о го гледаме на баци рака кај Албанските коалициони партнери за гласови чиј консензуален претседателски кандидат е. Претпоставувам дека им се извинил за тактиката која ја користел кога бил дел од државните органи кои ги ракетирале  Арачиново, Ваксинце, Липковскиот крај. Повеќе не му смета ни тоа што рамковните Албанци седат дома и земаат плата, нормално доколку гласаат за него на 21 април.

И така пиши бриши Стев(ч)о сосема се вклопува во матрицата на Заев – кажувам, заборавам, негирам. Ова заборавам и негирам особено доаѓаат до израз кога треба да се дограби до некаква функција која ќе му донесе личен бенефит. Сите принципи паѓаат во вода кога се гледа претседателската резиденција на Водно, на која ѝ е намерачен уште од 2014, која му е така блиска, но и далечна.

И кога сме веќе на тема бришење многу ме интересира како пусти Стев(ч)о ќе го избрише епитетот „стока“ со кој именуваше околу  450 илјади граѓани кои гласаа за ВМРО ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија доколку планира да побара некој глас и од тој куп на гласачи?!

Мартина Антиќ