Заев и Пендаровски наместо правда промовираат монтирани процеси, политички реваншизам и нарачани пресуди, се вели во денешната реакција на опозициската партија по повод судењата на патриоти и апсењето на лидерот на партијата ГРОМ, Ствечо Јакимовски.

– На тој начин се обидуваат да рашират страв и да го свртат вниманието од криминалот во кој што заглавија. СДСМ уништи се што значи право и правда. Две години само кршење на уставот и законите. Неправото стана пракса, а правосудните органи алатка за прогон на политички неистомисленици. 211 години затвор за обвинетите за настаните од 27-ми април се врв на политичкиот реваншизам. Професионалци и искрени патриоти се судат за дело кое не го сториле. Се кршат нивните човекови права и се злоупотребува институцијата притвор, само да се понижат и заплашат, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Власта, се додава во реакцијата, делува надвор од правото.

– Ниту делото за кое ги обвини Русковска обвинителството, а ги осуди Кацарска судството го сториле, ниту пак притворите кои им ги определија се правно издржани. Случајот 27-ми април е инквизиција на 21 век, незабележан во модерна Европа. Неправото и кршењето на законите мора да запре. СДСМ и нивните пулени кои го имаат окупирано системот мора да си заминат. Единствен начин за тоа е победа на претседателските избори на Гордана Силјановска Давкова, што ќе биде причина за распишување на предвремени парламентарни избори за пад на СДСМ, се вели во соопштението.