Сообраќајот на патниот правец Кратово – Пробиштип е во прекин за тешки моторни возила oд 07:00 часот утринава поради наноси од снег, информира АМСМ. Поради настанатите услови на терен се препорачува возачите да го избегнуваат овој правец или да користат алтернативни патни правци.
На останатите патишта во регионот и во земјата сообраќајот утрово се одвива со умерен интензитет, а поради ниските температури и временските услови се препорачува внимателно возење и прилагодување на брзината согласно условите на патот.
АМСМ советува сите возачи редовно да ги следат извештаите за состојбата на патиштата и да се подготват за зимски услови. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
И Пијанечко-Малешевскиот регион утрово е под снежна покривка која е најизразена на повисоките местo. Во градот Делчево и околните села снежната покривка е минимална, додека врнежи од снег утрово има и во општините Македонска Каменица, Берово и Пехчевo.
„Патиштата се проодни, а сообраќајот засега се одвива без проблеми. Апелираме да се почитува сообраќајната сигнализација и да се почитуваат условите на патот“, истакнаа од подружницата на Македонија Пат.
Во моментот во делчевско најмногу снег има наврнато на планината Голак, во с.Тработивиште, како и на подрачјето на с.Ѕвегор во близина на Граничен премин Делчево.