Познатиот физичар Стивен Хокинг пред својата смрт снимил видео порака која пред светот првпат беше прикажана на претставувањето на неговата книга „Кратки одговори на големи прашања”. Во неа тој одговара на 10-те најчести прашања кои му ги поставувале.

Во видеото тој говори и за американскиот претседател Доналд Трамп, истакнувајќи дека неговата победа на претседателските избори, како и Брегзит, се „дел од светскиот бунт против експертите, меѓу кои и научниците”.

– Бог не постои, ниту пак, „живот потоа“. А, сигурно не постои ниту рајот, вели Хокинг.

Хокинг натаму наведува дека образованието и науката се „во опасност поголема од кога било” и дека не се почитуваат стручните лица, пренесува Индепендент.

Признавајќи дека науката допрва треба да ги реши бројните големи проблеми на светот и дека пред научниците се значајни предизвици, како што се климатските промени, пренаселеноста, изумирањето на некои животински и растителни видови, уништувањето шуми и загадувањето на океаните, Хокинг ги повика младите да „гледаат во ѕвездите, а не во своите нозе”.

– Обидете се да го сфатите она што го гледате и прашајте се – од што се состои Вселената. Важно е да не се откажувате, ослободете го својот ум. Обликувајте ја иднината, рече Хокинг.

Кусо пред смртта, Хокинг почнал да ги составува одговорите на прашањата, кои луѓето често му ги поставувале. Тие сега можат да се најдат во неговата последна книга.

Прашања

Дали постои Бог? – Не. Никој не управува со нашата Вселена.

Како започнало сѐ? – Со Големата експлозија.

Што има во црната дупка? – Паѓањето во црна дупка дефинитивно е лоша вест. Ако е тоа ѕвездена црна дупка, ќе се претворите во шпагети пред да дојдете до хоризонтот.

Можеме ли да ја предвидиме иднината? – И не, и да. Всушност, законите ни овозможуваат да ја предвидиме иднината, но практично, тоа е  претешко.

Дали е можен времеплов? – Според нашите сегашни сознанија, патувањето во минатото не може да се исклучи.

Ќе преживееме ли ние на Земјата? – Сегашниот светски поредок има иднина, но таа ќе биде многу поинаква.

Постои ли напреден живот во Вселената? – Има облици на напреден живот горе. Мораме да бидеме внимателни во одговорот додека ние сѐ уште се развиваме.

Дали треба да ја колонизираме Вселената? – Да. Очекувам дека наредниве стотина години ќе можеме да патуваме каде било во Сончевиот Систем.

Дали ќе бидеме надмудрени од вештачката интелигенција? – Вештачката интелигенција ќе биде доста успешна во постигнувањето на целите, но доколку тие цели не се совпаѓаат со нашите, тогаш имаме проблем.

Како да ја обликуваме иднината? – Запомнете, гледајте горе во ѕвездите, а не долу во своите стапала.