Не очекувам да падне владата, бидејќи премногу вложија во неа ЕУ, САД, НАТО, а аферата Рекет е мошне сериозен удар на нивниот авторитет кој инаку е во постојано опаѓање и затоа ќе се обидат да направат се, за да ги смалат последиците од оваа афера и од секојдневните скандали на власта, вели Иван Стоиљковиќ, пратеник ипретседател на Демократската партија на Србите во Македонија.

Тој коментирајќи ја аферата Рекет објаснува дека станува збор за комплицирана состојба од која тешко ќе има разрешница и дека таа би можела да се добие само со голем притисок од надвор.

– Заради тоа се уште не се назира крај на владеењето на Зоран Заев, кое поприлично е раздрмано од скандалите и полека, но сигурно доаѓа под сериозен притисок на јавноста, и домашна и странска. Се помалку е можно смалувањето на штетите од скандалите кои ја тресат Владата во овој момент, но и од оние кои веќе се во најава. Лично, очекувам да има апсења на лица од аферата Рекет, како на пример на Катица Јанева, но и тоа е сериозен проблем за власта, бидејќи таа ќе рече: „Вие ме поставивте, со вас соработував“. Кого да апсат? Себе? Комплицирана е состојбата, затоа очекувам да се засили притисокот од надвор за резултати од истрагата по повод аферата Рекет и меѓународно преземените обврски од договорите со Бугарија и Грција и од внатре, пред се и во прв ред со барањата за доследно спроведување на Тиранската платформа, вели Стоилковиќ во изјавата за Ало.рс.