Уште еднаш ќе потенцирам дека во тек е едно крајно сериозно и опасно сценарио на надворешни и внатрешни сили, кои работат против влезот на РС Македонија во НАТО и ЕУ, изјави денеска заменик-шефот на дипломатијата, Андреј Жерновски.

Во врска со аферата Рекет, Жерновски, како и пред неколку денови, смета дека ова е напад на Македонија од „внатрешниот и надворешниот непријател“.

– Како што напишав во последниот текст со наслов „Крешендо“, проектот со кој треба на нашата земја да и’ се блокира добивањето на датум за преговори со ЕУ, па затоа и носи наслов “Октомври”, е во фаза на интензивна реализација. Имено, вчера грчкиот портал Макел го пренесува скандалозното тврдење на српски Блиц дека „постои црн фонд за поткупување на политичари од Брисел (внимавајте на адресата), но и од Грција, за да на секаков можен начин се ублажи стопирањето на патот на Северна Македонија кон ЕУ и НАТО”. Грчкиот портал оди дотаму што објаснува дека, според извори на руските тајни служби, македонскиот премиер Зоран Заев успеал со фонд од два милиона евра да поткупи 12 грчки политичари за да „немаат ништо против влезот на Македонија во ЕУ”, со шпекулација дека парите завршиле кај Ципрас, Коѕијас, Папас, Кондура итн., пишува Жерновски на Фејсбук.

И натаму во статусот на неговиот Фејсбук профил го разголува „внатрешниот и надворешниот непријател“:

– Не ви звучат исто и оркестрирано небулозните теми за атак? Уште еднаш ќе потенцирам дека во тек е исполнување на едно крајно сериозно и опасно сценарио на надворешни и внатрешни сили, кои работат против влезот на РС Македонија во НАТО и ЕУ. Ги замолувам нашите граѓани да не’ наседнуваат на оваа хајка. Близу сме до целта, преблизу, во остварувањето на вековниот сон за самостојна, независна и (конечно) насекаде меѓународно призната држава. Држава со обезбедена стабилност и обезбеден просперитет. Во тоа име и за таа цел, мораме да останеме присебни, да покажеме мудрост и да демонстрираме заедништво. Ќе успееме, победнички заклучува Жерновски.