Продолжуваме со изнесување на вистината за криминалот тежок над 22 милиони евра, пари од УЈП извлечени преку поврат на ДДВ. Лукаревска не ја говори вистината дека спречила злоупотреби преку поврат на ДДВ. Вчера презентиравме дека УЈП на фирмата АКТИКО, потоа продадена со сменето име ОКИТНА искористила поврат од 11 милиони евра, а потоа УЈП открива дека воопшто нема деловни книги до коишто може да дојде, а лицето газда на фирмата воопшто не постои! И за тоа има документи од УЈП во самото УЈП, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

-И сега дозволете да одговорам на Лукаревска и на соопштението на УЈП, прво за Лукаревска, ОКИТНА не е фирма за нафтени деривати, туку со дејност Трговија на големо со текстил и тоа го пишува во документ токму од УЈП. Второ ОКИТНА не должи неплатен данок, туку напросто кажано УЈП си ги бара парите назад затоа што УЈП овозможило поврат на ДДВ преку криминален начин. И тоа повратот на ДДВ е даден додека фирмата не била продадена и додека не го сменила името. Ќе цитирам документ од УЈП, „Е констатирано дека даночниот обврзник КОРИСТЕЛ право на одбивка на данок“. Значи уште еднаш, Лукаревска или не знае или намерно не ја говори вистината. И затоа денеска Лукаревска нека одговори, од кого мисли да наплати 11 милиони евра од ОКИТНА кога сопственикот на којшто му е даден поврат на ДДВ ја продава фирмата на државјанин на Косово, а тоа лице едноставно не постои, не бил во Македонија воопшто?

Е сега го отвораме вториот криминален случај на поврат на ДДВ, повторно речиси над 11 милиони евра.

Фирмата ХАНТОНОС е отворена јануари 2022 година од Васе Панајотов од струмички Секирник, а продадена на 25 ноември 2022 година на Агим Имери од Косовска Митровица којшто го менува името во ХАНТ ОСОЈ со ново седиште во Скопје. И оваа нова фирма ХАНТОНОС (како и АКТИКО/ОКИТНА) за кусо време тргува, увезува роба за 57 милиони евра, а никој не прашува од каде парите, и за тоа користи поврат на ДДВ од над 10 милиони евра. Продадена, како ХАНТ ОСОЈ до март 2023 година тргува за 7 милиони евра и побарува 1,2 милиони евра. И во овие година дена има една специфична набавка, пријавен увоз од странство за 5,4 милиони евра и користи поврат од 820.000 евра.

Кога доаѓа време за наплата на данок во 2023 година, УЈП сфаќа дека фирмата не плаќа, па потоа да не успее да го најде сопственикот, за којшто МВР и посочува дека лицето Агим Имери од Косовска Митровица на кого му е продадена фирмата воопшто немал влез во Македонија во периодот кога наводно ја купил и работел со фирмата. И УЈП потоа разбира дека нема деловни книги, нема сметководство, а фирмата должи данок. Вкупно што УЈП сега бара е 12 милиони 226 илјади евра, односно всушност парите кои се дадени како ослободување од ДДВ.

И сега Лукаревска и УЈП фирмата ја става на листа должници, па повторно мора да одговорат јавно, од кого ќе наплатат 12,2 милиони евра, колку што и дале поврат на ДДВ? Од кого, кога исто како и со фирмата од вчера, сопственикот го нема, не постои, не влегол во Македонија воопшто за да раководи фирмата или да ја купи? Васе Панајотов ја продал фирмата, Агим Имери не влегол во Македонија? Како ќе наплати Лукаревска 12,2 милиони евра криминален поврат на ДДВ, ако сопственикот на ХАНТОНОС не постои?

И уште еден одговор, пикантерија, на којшто Ликаревска треба да одговори на јавноста, за оној увоз од странство што го нагласив, пријавениот увоз од 5,4 милиони евра на фирмата ХАНТОНОС и искористен поврат од 820.000 евра, дали УЈП од Царина има добиено одговор дека таков увоз за ХАНТОНОС воопшто не се случил? Има уште многу прашања, но Лукаревска нека почне со одговарање на овие, но овој пат со користење на вистина и факти.

Ова е уште еден доказ дека Лукаревска не ја говори вистината кога вели дека спречила криминал со поврат на ДДВ, напротив во само два од многу случаи, со фирмите АКТИКО/ОКИТНА и ХАНТОНОС/ ХАНТ ОСОЈ, со стара позната разработена шема, над 22 милиони евра се искористени, односно постои криминално исплатен поврат на ДДВ, појасни Стоилковки.