Во вчерашното издание на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува, пратеничка група“, гостуваше пратеничката Велика Стојкова Серафимовска, која дискутираше на темата „Собранието-чувар на државната меморија“ за тоа кои се активностите во законодавниот дом, но исто така фокусот го стави и на 80 годишниот јубилеј од кодификацијата на македонскиот јазик и за сите оние значајни настани за зачувување, заштита и промоција на македонскиот јазик и неговите вредности.

„Собранието е чувар на државната меморија, Собранието има обврска да донесе секоја година годишна програма за одбележување на јубилеи и значајни годишнини на личности и настани коишто оставиле значаен, голем придонес во формирањето на државата, односно на Република Македонија. Со објавување на една ваква годишна програма во Службен весник, генерациите што следат после нас ќе знаат дека Македонија во континуитет одбележувала раѓање на Гоце Делчев, Илинден, 8 септември, Потоа, настани коишто се во однос на историјата на државата, 11 октомври, нешто што е поврзано па дури и со Македонската православна црква“, рече Стојкова Серафимовска.

Во поткастот таа истакна дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ покажува голема државност и е насочена кон предлагање на иницијативи за одбележување на многу клучни настани и манифестации, наведувајќи ги најзначајните јубилеи за оваа година.

„Ние како пратеници, особено пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и „Твоја Македонија“, даваме навистина убави иницијативи. Го користиме тоа право да иницираме различни свечени седници, настани, одбележување на денови коишто се важни за Македонија, меѓу тоа и коишто се светски денови, како Ден на децата со посебни потреби или Ден на светското културно наследство. Па така во таа насока, на пример, оваа година е многу убав јубилеј, 80 години на кодификација на македонскиот јазик, меѓу тоа произлезе и дека оваа година е 100 години јубилеј од издавањето на Абецедарот и тоа е многу интересен податок и многу важен податок во однос на нашата борба во зачувување и докажување на македонската посебност, идентитет, култура“, вели Стојкова Серафимовска.

Пратеничката потенцираше дека со обележувањето на настаните се овозможува негување на македонскиот јазик, а со тоа се покажува ширина во градењето, штитењето и чувствувањето на Македонија како своја.

„Тоа е ден на кодификација на македонскиот јазик и на неговото кирилско писмо. Со оглед на тоа дека оваа година навршуваме 80 години од тој ден, сметаме дека ова е голем и значаен јубилеј и затоа во целата држава, не само на денот, не само во текот на оваа недела, толку цела година ќе има настани, манифестации од областа на културата, образованието и науката на којшто, на некој начин ќе биде одбележен овој важен јубилеј. Станува збор за нешто што утре на идните генерации, кога ќе видат дека една држава континуирано секоја година ги одбележувала тие настани, тоа значи дека тие личности и тие настани се длабоко во коренот на државноста, во македонската државност“, истакна Стојкова Серафимовска.