Кај еден од вработените во Универзитски стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“ – Скопје е најдена бактерија МРСА, но тој е изолиран и не доаѓа на работа, соопшти директорката на оваа јавна здравствена установа, Амела Сана.

Во пишната изјава таа наведува дела со целосна одговорност уверува оти нема место за страв кај пациентите.

– Состојбата е под контрола, преземени се сите мерки за дезинфекција и изолирање на бактеријата. Превентивно, направена е комплетна дезинфекција на просториите на катот каде вработениот работел, а во тек е дезинфекција и на сите простории, истакнува Сана.

Таа наведува дека, иако кај ниту еден од останатите вработени нема сомнителни симптоми, превентивно по итна постапка во текот на денешниот ден се закажани термини за санитарен преглед на сите вработени во просториите на Клиниката.

– Согласно наведеното, апелираме дека нема потреба од создаваање паника, ниту каков било сомнеж за сигурно и квалитетно давање стоматолошки здравствени услуги на нашите пациенти, посочува директорката на Стоматолошкиот клинички центар.

МРСА е бактерија што е отпорна на антибиотици, а се пренесува со директен контакт со заболено лице или заразен материјал. Предизвикува опасни крвни инфекции, воспаление на белите дробови или инфекции на местото на хируршкиот зафат. Симптомите се појава на булбуси на кожата коишто се црвени, отечени, болни и топли на допир, како и висока температура, грозница, слабост, болки во мускулите и така натаму.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) велат дека се преземени сите неопходни мерки:

– Не постои никаква опасност за ниту еден пациент кој бил во претходниот период или ќе биде пациент во Универзитски стоматолошки клинички центар, затоа што во заботехничките работилници каде работел вработениот, кој е забен техничар и кај кого во отпечаток од раце во Институтот за микробиологија е најдена бактеријата МРСА, се работи исклучиво со заштитни ракавици и има доволно средства со кои се  дезинфицираат забните одливци при прием. Во моментот исклучена е секаква можност за ширење на зараза со оваа бактерија, изјави директорката на ДСЗИ, Ирина Бухова.

Таа посочи дека нивни инспектори веднаш излегле на терен и извршиле вонреден инспекциски надзор.

– Уште во текот на вчерашниот ден кога вработениот ја информирал институцијата за наодот кој го има повеќе не се вратил на работа. Во текот на вчерашниот ден консултирани се и во контакт стапиле членовите на нивната Комисија за интрахоспитални инфекции. Комисијата денеска заседаваше и донесе заклучоци. Нашиот инспекциски надзор ги потврдува заклучоците кои се донесени и кои се наложени и со решение и од наша страна. Пациентот односно вработениот кај кој има изолирано бактерија нема да се врати на работно место, додека не се добие негативен резултат, односно не се докаже дека бактеријата веќе не е присутна, потенцира Бухова.

Појасни дека во текот на вчерашниот ден е извршена вонредна дезинфекција на просториите во Стоматолошки клинички центар, за утре е закажана вонредна дезинфекција од Центарот за јавно здравје Скопје, а во тек е комплетен здравствен преглед на сите вработени во таа јавна здравствена установа.

– Во текот на денешниот ден веќе првите 90 вработени ќе го поминат вонредниот медицински преглед. Нашиот инспектор немаше контакт со вработениот, бидејќи тој веќе е на боледување. За текот на неговата болест, кога ќе спроведеме вонреден инспекциски надзор ќе можеме да дадеме подетални информации. Вонредните здравствени прегледи се наложени и од Комисијата за интрахоспитални инфекции и од ДСЗИ, меѓутоа тие се вонредни и ќе се спорведат на околу 300 вработени. Досега ниту еден од вработените во Стоматолошкиот клинички центар нема никаков симптом, додаде Бухова.