Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, денеска во Велес, одговарајќи на новинарски прашање за патот од Велес за Прилеп, преку Бабуна, рече дека Владата сериозно размислува за тој проект.

– Меѓутоа, пред да ја донесеме конечната одлука овој проект мора целосно да се ревидира за да можеме да аплицираме за средства, бидејќи станува збор за исклучително скап проект, а тоа мора да се каже јавно. Ние ги разгледуваме сите програми што ЈП за Државни патишта ги прави и во програма ги внесуваме дополнително оние патишта што треба да ги прават, за што сметаме дека треба да бидат рехабилитирани и реконструирани или да се прават нови. Во делот на субвенционирањето на ова, претходно треба да се направат анализи се’ со цел да не даваме паушални анализи, дали тоа може или не може, појасни министерот Сугарески.

Кон крајот на октомври 1994 година во пресрет на вторите парламентарни избори во самостојна Македонија, во близина на наплатната рампа на автопатот кај селото Отовица крај Велес, на свечен начин започна изградбата на магистралниот пат Велес-Прилеп преку Бабуна.

Свеченост со многу луѓе, па и од највисокиот врв на СДСМ и со зборови за оправданоста за изградбата на оваа сообраќајница, која не само што требаше да го скуси патот за Прилеп преку Плетвар за повеќе од 35 километри туку требаше и да го врати и животот во триесетина населени места во регионот на Азот.

Патот требаше преку Прилеп, Битола, Меџитлија да ја поврзе нашата држава со современа сообраќајница и со соседна Грција. Тогаш, работите на магистралниот пат му беа доверени на скопски „Гранит“. По церемонијата вработените од ова градежно претпријатие започнаа со изградбата на магистралниот пат. И додека луѓето и машините кај крстосницата на автопатот кај Отовица, веднаш до брегот на Велешкото Езеро, започнаа да го трасираат патот, стручни екипи извршија експропријација на насадите со лозја и други земјоделски култури преку кои требаше да минува патот.
Изборите дојдоа и завршија. Кога сите веруваа дека работите на магистралниот пат за Прилеп преку Бабуна ќе продолжат, се случи обратното. Набргу по изборите, работите на сообраќајницата беа прекинати.