Свети Гаврил Лесновски живеел кон крајот на XI и почетокот на XII век. Потекнувал од Осечко Поле. Неговите родители биле богати но долго време немале деца па времето го минувале во плач и молитви упатени кон Бога да ги дарува со пород. Потоа Господ ги дарувал со машка рожба. Сакале детето да им биде образовано поради што кога пораснало го дале да се школува.

Кога пораснал родителите сакале да го оженат, му нашле девојка „од добар и царски род“, но тој повеќе сакал да се посвети на Бога. Се случило токму на свадбата починала невестата, а Гаврил побарал одобрение од родителите да го напушти родниот дом. И откако тоа се случило на сон му се јавил ангелот Господов и му рекол да оди во Осечко Поле и да изгради црква посветена на Пресвета Богородица. Гаврил се вратил кај родителите им го раскажал сонот, а тие му дале богатство по што тој ја изградил црквата и ја живописал.

Потоа пак се вратил во Лесновскиот манастир од каде што со согласност на игуменот отишол во една шума во близината на Злетово и тука времето го минувал во пост и молитви. Тука многу луѓе „кои доаѓаа кај светиот се излекуваа од разните болести, а многу се спасија и од бесовите. Многу луѓе доаѓаа кај него да се лекуваат“. Житието натаму раскажува дека Гаврил по напуштањето на овој скит отишол во местото Луково во некоја мала шума за која никој не знаел и тука минал извесно време. Се случило еднаш тука да дојде еден овчар и да ги види неговите молитви упатени кон Бога. Овчарот го замолил да му помогне на стадото кози кое било болно поради неговите гревови. Гаврил нашол вода во една дупка од камен, ја прекрстил и му ја дал на овчарот да ги попрска козите. Тие веднаш оздравеле, а овчарот многу му бил благодарен.

Оттука Гаврил заминал во некоја далечна и тешко достапна планина и се сместил во некоја пештера во местото наречено Облов Врв, тука минал 30 години и тука починал. Никој не знаел каде починал поради што мислеле дека се преселил на друго место.

По извесно време светецот му се јавил на сон на некој Русин по име Јосиф кој живеел во градот Средец и му заповедал да појде на местото наречено Облов Врв, да ги земе моштите и да ги пренесе во Лесновскиот манастир. Така, според житието, моштите на Свети Гаврил стигнале во Лесновскиот манастир за подоцна пред налетот на исламот да бидат пренесени во Трново, во црквата „Свети Апостоли“ на Трапезец. Подоцна манастирот што тој го основал и што го носи неговото име станал важен книжевен центар.

Ликот на Свети Гаврил Лесновски е многу присутен во живописот на црквите од североисточна Македонија, а за проучувањето на неговите портрети важно е откривањето на живописот во лесновската црква од времето на нејзината обнова по 1341 година.

Манастир „Свети Архангел Михаил“ и „Св. Гаврило Лесновски“

Во селото Лесново, Злетовско, во 1341 година, од страна на деспот Оливер, врз темелите на постара црква била подигната црква посветена на св. архангел Михаил. Црквата го носела и името на св. Гаврил Лесновски. Во пролошкото житие на св. Гаврил Лесновски од 1330 година пишува дека црквата ја подигнал Гаврил посветувајќи му ја на св. архангел Михаил. По смртта на Гаврил и чудата што се случувале над неговиот гроб, пред сè исцелувањето болни, манастирот станал познат по името на светителот-пустиножител па добил две имиња и на архангел Михаил и на пустиножител Гаврил. Подоцна овој манастир станал центар на словенската писменост познат како Лесновски книжевен центар. Живописот на црквата е завршен во 1347-48 година во времето кога Јован Оливер ја добил титулата деспот. Од фреските во црквата оставаат впечаток ликовите на св. Гаврил Лесновски, св. Јоаким Осоговски, св. Прохор Пчињски, композицијата „Успение Богородичино“, ретките сцени инспирирани од Псалмите Давидови итн. Резбаниот иконостас изработен од 1811-1814 година е дело на резбарската тајфа на Петре Филипович Гарката. (Подготви Марко Китевски)