Денеска е 1 мај (по стар стил) и се слави Светиот пророк Еремиј.

Роден 600 години пред Христа, во селото Анатот, недалеку од Ерусалим. Почна да пророкува во својата петнаесетта година, во времето на царот Јосија. Им пророкуваше за покајание на царот и на неговите големци, на лажните пророци и на свештениците и во времето на овој цар Јосија одвај си ја спаси главата од убиствените раце на огорчените големци.

На царот Јоаким му прорече дека неговиот погреб ќе биде како погреб на магаре, т.е. мртов ќе биде исфрлен надвор од Јерусалим и телото долго ќе му се влечка по земјата непогребано. Заради ова Еремиј беше фрлен во затвор. Бидејќи во затворот не можеше да пишува, го повика Варух, којшто застана покрај неговото затворско прозорче, а пророкот почна да му диктира. Кога му го прочитаа ова пророштво на царот, тој гневен ја фрли хартијата во оган. Промислата Божја го спаси Еремиј од затворот, а врз Јоаким се исполни зборот на Пророкот. На царот Јехонија пак, му прорече дека со целото семејство ќе биде одведен во Вавилон и дека ќе умре таму, што наскоро и се случи.

Под царот Седекија, Еремија си стави јарем на вратот и така одеше по градот Ерусалим, пророкувајќи го со тоа падот на Јерусалим и ропството под јаремот на Вавилонците. На еврејските заробеници во Вавилон им пишуваше да не се надеваат да се вратат во Ерусалим, зашто ќе останат во Вавилон седумдесет години – така и беше. Во долината Тотеф, под Ерусалим, каде што Евреите им принесуваа на идолите деца како жртви, Еремиј зеде здрав лонец во рацете, го скрши пред народот, пророкувајќи ја брзата пропаст на Јудејското царство. Наскоро Вавилонците го зазедоа Јерусалим, го убија царот Седекија, го разорија и го ограбија градот, а огромен број Евреи беа заклани во долината Тотеф, на местото каде што пророкот го искрши оној лонец. Јеремија со левитите го зеде кивотот од храмот и го однесе на ридот Нават – каде што умре Мојсеј – и овде го скри во една пештера. Огнот од храмот пак, го скри во еден длабок бунар.

Некои Евреи го принудија да оди со нив во Египет, каде поживеа четири години, а потоа беше од своите сонародници убиен со камења. На Египќаните им прорече дека идолите ќе им бидат разбиени и дека Дева со Младенецот ќе дојде во Египет. Постои предание дека самиот цар Александар Велики го посетил гробот на Пророкот Еремиј. На наредба од Александар, телото на Еремија е пренесено и со почести погребано во Александрија. Египќаните речиси го обожаваа пророкот Еремија. Затоа и го погребаа како крал. Го сметаа за чудотворец и после смртта. Правот од неговиот гроб го земаа како лек против каснувања од змија.

И ден денес мнозина христијани во молитва го повикуваат пророкот Еремиј против змии.