Најмалку 13 лица загинаа, а повеќе од милион се присилени да ги напуштат своите домови откако тајфунот Лекима ја погоди Кина.
Државните медиуми соопштија дека 16 лица се сметаат за исчезнати откако под влијание на бурата дошло до лизгање на земјиштето.
Бурата Лекима, која прво беше класифицирана како супертајфун, но потоа јачинатата опадна и ударите на ветрот достигнаа до 187 километри на час, изутринава го погоди подрачјето Венлинг, меѓу Тајван и кинеската финансиска престолнина Шангај.
Лекима сега минува низ северната покраина Жеџианг и се очекува да го погоди Шангај – град со околу 20 милиони жители.
Властите откажаа над илјада летови, како и редовниот железнички сообраќај додека градот се подготвува за престојната бура.
Поради силниот ветер се проценува дека во регионот без струја останале околу 2,7 милиони домови.
Ова е деветти тајфун кој годинава ја погодува Кина, но воедно и најсилен во последните неколку години.