Зајакнувањето на врските меѓу Кина и Русија му штети на меѓународниот мир, соопштија денеска властите на Тајван.

Во соопштението на тајванското Министерство за надворешни работи се наведува дека Тајван остро ја осудува Русија за следење на авторитарната и експанзионистичка влада на Комунистичката партија на Кина во нејзините лажни изјави на меѓународни состаноци што го поткопуваат суверенитетот на нашата земја.

– Тие што одржуваат мир и статус кво Москва ги етикетира како провокатори, што во голема мера ја покажува штетата што сојузот меѓу кинескиот и рускиот авторитарен режим им ја нанесува на меѓународниот мир, стабилноста, демократијата и слободата, пишува во соопштението.

Претседателите на Кина и Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин денеска изразија меѓусебна поддршка и желба да ги зајакнат билатералните врски поради кризата во односите со Западот.

Си и Путин се сретнаа на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка во Самарканд во Узбекистан, за време на доста тензични односи со САД.