Тајванското Министерство за одбрана утринава соопшти дека во изминатите 24 часа регистрирало дека дури 20 авиони на кинеското воено воздухопловство влегле во зоната за воздушна одбрана на островот.

„Денеска до шест часот утринава беа откриени 32 авиони и девет пловни објекти на Народноослободителната војска. Од нив, 20 авиони ја преминаа средишната линија на Тајванскиот теснец или влегоа во југозападните, југоисточните и североисточните зони за воздушна одбрана“, соопшти тајванското министерство.

Меѓу идентификуваните летала има и ловци „Су-30“ и „Ј-10“, како и противподморнички авиони.

Со Тајван од 1949 година управува администрација независна од Кина, но според официјалната позиција на Пекинг и повеќето земји, островот се смета за една од кинеските провинции.