Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Александар Таневски, по ремито 1-1 против Црна Гора во Битола, истакна дека не е задоволен од резултатот, но позитивно го оцени карактерот и реакцијата на своите фудбалери во второто полувреме.

„Не сум задоволен од резултатот. Во првото полувреме одигравме како во грч, не успеавме да ја најдеме вистинската енергија иако противникот не направи многу за да дојде до предност. Сепак, успеа да постигне гол пред крајот на полувремето.

Во вториот дел бевме многу подобри. Излеговме со поинаква енергија, игравме тимски и покажавме карактер. Тоа е нешто што за мене е многу важно. Видов жар, борба и желба кај сите играчи, а на крајот имавме можност и да стигнеме до победа.

Сега ни следува Шведска, репрезентација која е на високо ниво. И таму очекувам од играчите борба, карактер и игра која ќе ни даде добра основа за она што следува во новиот квалификациски циклус.

Имаме простор за подобрување на сите позиции. Тоа, сепак, во голема мера зависи и од работата на играчите во нивните клубови, од нивната минутажа и форма. Особено дефанзивната линија е сегмент на кој треба да работиме и да бидеме подобри во следниот циклус.

Хоџа од Лидс е еден од адутите кои ги имаме за следниот циклус и очекувам и тој да биде важен дел од оваа генерација“, изјави Таневски.