Телевизија 24 поднесе кривична пријава против Зоран Трајчевски, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Кривичната пријава е поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело, злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, како и спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата. Правниот тим на Телевизија 24 до истражните органи достави и барање да се испита постоењето на кривичното дело – злосторничко здружување и на други кривични дела за кои се гони по службена должност.
Кривична пријава против Зоран Трајчевски директор на АВМУ:
„Постои основано сомнение дека во подолг временски период, особено во периодот 2018–2026 година, пријавениот Зоран Трајчевски, во својство на директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, заедно со други засега непознати службени и одговорни лица во ААВМУ, преку низа временски и функционално поврзани службени дејствија, одлуки и јавни набавки, ги користел овластувањата на независниот регулатор на начин што дозволил надлежностите на регулаторното тело ААВМУ утврдени во Законот за ААВМУ да ги извршуваат надворешни приватни правни лица – трговски друштва.“
Во кривичната пријава се наведува и одлуката на Управениот суд и Вишиот Управен суд кои ги оцениле како несоодветни и изработени од правно лице кое не може да ги изготвува студиите бидејќи компанијата е регистрирана како маркетинг агенција, а не како правно лице основано за истражување на пазарот и јавното мислење. Но, АВМУ според кривичната пријава, не ја почитувала оваа судска одлука и Телевизија 24 поради таквото самоволие трпи штети, односно настојува, но не може да добие можност да емитува телевизиска програма на државно ниво преку дигитален терестријален мултиплекс, а со тоа и дел од гледачите или граѓаните од земјава се ускратени да ја следат програмата на ТВ 24.
Љупчо Докузов – адвокат: „Имајќи предвид дека член 70 од Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги изречно предвидува дека агенцијата ќе изработи студии за оправданоста објавување на јавен конкурс, правниот тим на Телевизија 24 Вести поднесе кривична пријава бидејќи во изминатите години, Агенцијата нарачуваше студии од надворешни приватни компании врз основа кои понатаму барањата на Телевизија 24 Вести, за да се префрли да емитува програма преку дигитален терестријален мултиплекс беа одбивани. Сметаме дека постои основано сомневање за сторени серија на кривични дела од страна на одговорните лица во Агенцијата со оглед дека од сметката на Агенцијата се исплаќани суми кои шро се мерат во милиони денари, на овие надворешни компании за кои во законот не постои основ. Сметаме дека Јавното обвинителство и надлежните судови ќе дадат одеговор на прашањето: доколку законот не бил променет, како е можно агенцијата да нарачувала студии во минатото а денес да ги изработува сама. “
Според кривичната пријава, од суштинско значење е член 70 од Законот. Со него законодавецот не предвидел дека Агенцијата „ќе набави“, „ќе нарача“ или „ќе обезбеди“ студија од трето лице, туку дека, доколку постојат слободни радиофреквенции или капацитети – агенцијата ќе изработи студија со која ќе ја утврди оправданоста за објавување на јавен конкурс.
Токму ова разграничување е од суштинско значење за поднесената кривична пријава од страна на ТВ 24 до претседателот на АВМУ Трајчевски. Наспроти наведената законска поставеност, од документацијата за јавните набавки произлегува дека Агенцијата во повеќе наврати не набавувала само податоци, анкети или друга техничка помош, па така на надворешното приватно правно лице МАРКЕТ ВИСИОН ДООЕЛ Скопје му била доверувана изработката на самата студија.
Инаку, во кривичната пријава се наведува и дека оваа маркетинг агенција со години била ангажирана од државната институција, а официјалните податоци велат дека од 2018та до 2023 година АВМУ на маркетинг агенцијата исплатила нешто над 2 милиони денари за нивниот ангажман.
Година Изработувач Со ДДВ
2018 МАРКЕТ ВИСИОН ДООЕЛ 353.410 ден.
2020 МАРКЕТ ВИСИОН ДООЕЛ 413.000 ден.
2022 МАРКЕТ ВИСИОН ДООЕЛ 595.900 ден.
2023 МАРКЕТ ВИСИОН ДООЕЛ 702.100 ден.
ВКУПНО 1.749.500 ден. 2.064.410 ден.
Кривична пријава против Зоран Трајчевски директор на АВМУ:
„Подносителот смета дека постојат основи на сомнение дека со плаќањето на приватни правни лица за извршување активности што претставуват суштински дел од законската надлежност на независниот регулатор, на ААВМУ ѝ е причинета имотна штета, а на приватниот субјект кој ги изготвувал му е овозможена имотна корист, а од овие дејствија трпат штета и заинтересираните лица.Точната висина на штетата треба да ја утврди Јавното обвинителство, со прибавување на фактурите, налозите за плаќање, банкарските изводи, книговодствените картички и известувањата за реализирани договори како од областа на телвизиите, така и од областа на доделување на радио фреквенции“
Според правниот тим на Телевизија 24, со последната студија од 2026 година која е потпишана од директорот и во која стои дека е изработена од ААВМУ се потврдуваат голем дел од наводите во оваа кривична пријава за сторени финансиски малверзации на штета на буџетот на ААВМУ.
Веста е превземена од ТВ 24



