Тешка сообраќајна несреќа се случи рано утринава на автопатот Штип – Миладиновци во близина на населбата Три Чешми.

Според првичните информации, во сообраќајката е загинато едно лице.

Портпаролот на СВР Штип Гордана Панајотова за МИА потврдува дека несреќата се случила меѓу товарно возило и автомобил.

Во моментов на местото на несреќата се екипи на Итна медицинска помош, Противпожарната единица и полиција, по што ќе се изврши и увид за причините на несреќата.

АМСМ известија дека сообраќајот на автопатот Штип – Миладиновци е во прекин.

Возач од Гевгелија е жртвата во сообраќајката на клучката кај Три Чешми

Возачот на автомибилот марка „голф“ со гевгелиски регистерски таблички загинал на местото при судир со тешко товарно возило на клучката кај Три Чешми, каде се спојуваат експресниот пат кон Штип и автопатот Штип-Миладиновци.

Станува збор за маж роден 1986 година во Гевгелија.

Автопатот Штип – Миладиновци е затворен и во двете насоки, додека трае увидот од страна на истражните органи. Сообраќајот од Штип кон Велес, Свети Николе и Скопје и во обратна насока се одвива по регионалниот пат.

Од почетокот на годината до сега на патиштата околу Штип загинаа три лица во тешки сообраќајни несреќи.

Портпаролот на СВР-Штип Гордана Панајотова најави дека во текот на денот ќе излезат со повеќе детали за сообраќајната несреќа.