Политиката на зголемување на платите е приоритет на Владата. Затоа преземаме низа мерки за раст на платите, меѓу кои и покачувањето на минималната плата, но и воспоставување законски механизам за нејзино редовно усогласување, вели министерствот за финансии Драган Тевдовски во интервју за Радио Слободна Европа.
Според него, покрај покачувањето на платите, расте и продуктивноста, а се зголемува и вработеноста.
-Главниот приоритет на Владата е платите да растат, бидејќи животниот стандард на мнозинството граѓани, кои немаат приходи од капитал, зависи од платите. Кога растат платите, расте и животниот стандард. Зголемувањето на минималната плата придонесе за значајно зголемување на најниските плати, но и за придвижување на спиралата на плати – што значи дека почнаа да растат и платите повисоки од минималната. За мене како економист е важно дека ова направи и придвижување на продуктивноста. Работник кој е подобро платен повеќе придонесува, истакнува Тевдовски.
Со законското решение за минимална плата, дополнува министерот, поставен е механизам за нејзино редовно усогласување, зависно од растот на просечната плата, на бруто домашниот производ и растот на цените.
-Сега во април Министерството за труд и социјална политика најави дека минималната бруто плата ќе се зголеми за околу 600 денари. Платите продолжуваат да растат. Треба да се направат дискусии со работодавачите, бидејќи постои простор за дополнително зголемување на минималната плата, вели Тевдовски.
Во однос на растот на БДП, нагласува дека е клучно тоа што се случува широко базиран раст, односно дека се јавува во повеќе сектори и не се должи на државна интервенција, за разлика од порано.
-Сега приватниот сектор го влече растот и тоа во повеќе сегменти. На пример, расте преработувачката индустрија, растат услугите, трговијата, градежниот сектор – еве гледаме во четвртиот квартал растот е околу 19 проценти. Потрошувачката кај домаќинствата исто така забележува раст, што се должи на растот на бројот на вработени, но и поради растот на платите кој минатата година е највисок во споредба со последните девет години. Странските инвестиции изнесуваат 624,5 милиони евра и се скоро три пати повисоки во однос на просечното ниво од претходните осум години. Еден од најважните показатели дека економијата се движи во правилна насока е намалувањето на невработеноста. Таа за првпат од независноста се спушти под 20 отсто. На годишно ниво во 2018 вработеноста е зголемена за околу 20.000 лица. Со намалување на невработеноста и растот на платите се подобрува животниот стандард, вели Тевдовски.
Потенцира и дека јавниот долг е стабилизиран и дека „сега, за разлика од порано не се троши на проекти како жални врби, споменици и фасади“.
-Јавниот долг во 2008 година од 23 проценти од БДП порасна на 48,8 отсто од БДП кон крајот на 2016 година. Сега на крајот на 2018 година изнесува 48,7 отсто од БДП, предочува министерот и додава дека како резултат на растот на довербата на инвеститорите, намалени се каматите за сервисирање на долговите.
Во 2020 и 2021 година, според Тевдовски, по основа на стари долгови од претходната власт, доспевале за враќање околу 880 милиони евра, сума која оваа власт ја намалила со реоткуп на еврообврзницата.
Во однос на капиталните инвестици, министерот за финансии вели дека за разлика од минатата година, Јавното претпријатие за државни патишта, кое не спаѓа под Буџетот, има одлична реализација – три пати повисока од лани. Тевдовски е оптимист дека до крајот на годината ќе има добра реализација на планираното.