Стабилноста и меѓународниот статус што ги носи членството во НАТО, влијаат на одлуките за инвестиции, како на домашните, така и на странските инвеститори, вели во интервју за месечникот ЗАМАН министерот за финансии Драган Тевдовски, говорејќи за очекувањата за економски раст.

Тој, како што соопшти Министерството за финансии, вели дека со пристапување во НАТО, земјата ќе добие подобар меѓународен статус и ќе биде во друштво на најразвиените земји. Како што посочи, искуствата од другите земји покажуваат висок раст на странските директни инвестици по влезот во НАТО Алијансата. Ако се земе просек од пет години пред и по пристапувањето на Бугарија и Албанија, кои ни се соседи, се забележува неколкукратен раст на странските инвестиции.

-Кај Бугарија, странските директни инвестиции, анализирано пет години пред и по влезот во НАТО, се скоро три пати повисоки, односно од седум проценти на 19,8 проценти од БДП. Кај Албанија тие се двојно поголеми, или од пет проценти на девет проценти од БДП и тоа во време на светската економска криза. Значи, ефектите можеле да бидат и поинтензивни. Кај Романија, исто така има висок раст, од 2,8 проценти на 7,2 проценти по пристапувањето во НАТО, кај Чешка од 3,2 на 7,7 проценти. Тоа е прилив на свеж капитал, нови фабрики, нови производствени капацитети, нови работни места, нови производи, пренесување на know-how, вели Тевдовски.

Тој посочи и дека во земјите кои пристапиле кон НАТО во 2004 година, просечниот раст на извозот се зголемил од 6,8 проценти во периодот пред зачленувањето во НАТО на 11,8 проценти во периодот по пристапувањето во НАТО.

Во интервјуто Тевдовски зборува и за оценките на економијата во 2018 година. Тој посочи дека согласно последните податоци на Државниот завод за статистика, од почетокот на годината просечната плата е повисока за 5,7 отсто. Ако порано годишно платата растела еден или два отсто, сега растот е скоро шест отсто.

Невработеноста заклучно третото тримесечје во 2018 година е намалена на 20,8 отсто, и најниска досега, вели во интервјуто Тевдовски и посочува дека во овој период отворени се 14.239 нови работни места.

-После подолг период се враќа довербата на инвеститорите. Првите девет месеци од 2018, странските директни инвестиции достигнаа 316 милиони евра, што е значително повисоко од вкупниот годишен износ претходната година. Извозот во 2018 е за 16 отсто повисок во однос на 2017 година. Расте индустријата, но и услужниот сектор, вели Тевдовски.

Тој посочува дека во второто и третото тримесечје економијата забележува солидни остварувања на бруто-домашниот производ со три отсто раст. Она што е исклучително важно, вели Тевдовски, е што овој раст е генериран од приватниот сектор.