Да нема манипулации со шеќерните единици кои се бараат при откупот на грозјето, јавно побара денеска Дане Јошев, претседател на регионалното Здружение Тиквешки лозароовоштари.
Оваа негова изјава следуваше откако синоќа неколкумина разочарани лозари го истурија своето грозје пред откупен пункт, во знак на револт, од, како што рекоа, манипулациите со кои се соочуваат при гроздоберот.
Јошев нагласи дека на терен, некои од откупувачите не ги почитуваат претходно неформално договорените цени за килограм грозје. Тој апелираше на зголемена инспекциска контрола на терен, со цел, како што додаде, да престанат малверзациите кон лозарите при откупот на нивното грозје.
Од винарницата „Тиквеш“ синоќа информираа дека биле доведена во ситуација привремено да го прекинат откупот на грозјето. Прекинот беше предизвикан откако беше блокиран влезот на винарницата, соопштја синоќа од Тиквеш.