Екстремна десна партија по речиси четири децении ќе има свои претставници во шпанскиот Парламент.
Партијата Вокс на вчерашните предвремени парламентарни избори освои 24 места, колку што и предвидуваа анкетите.
Вокс на политичката сцена во Шпанија се појави во декември минатата година кога партијата предводена од Сантијаго Абаскал стана дел од коалицијата во Андалузија по регионалните избори.
Вокс себе си не се декларира за ултрадесничарска партија, туку само за десница, која е против независноста на Каталонија и на мигрантите.
– Вокс се појавува на политичката сцена, нуди нешто ново и ги исполнува желбите за политичка промена. Изборите стануваат се поемотивни, се игра на чувствата, изјави Хосе Игнацио Торебланка од Европскиот совет за меѓународни односи во Мадрид.
Тој додаде и дека слични трендови има и во Италија, Франција и во Велика Британија, како и дека специфичностите на секоја од земјите одредуваат дали ќе се појават нови радикални политички проекти од левицата, десницата или независно од традиционалните поделби.
Во случајот на Шпанија таквите специфични околности првенствено се однесуваат на барањето за независност на Каталонија, што доведе до собирање околу десничарските идеи за национализмот, но и на тврдите ставови за илегалната миграција.
Според Торебланка Вокс е „социјално конзервативна партија, но многу либерална во економска смисла, за разлика на пример од францускиот Национален фронт.
И аналитичарот Петер Церети од Економист наведува дека Вокс има изразито демократски карактер за разлика од унгарската Фидес и полската партија Закон и правда.
– Тие не се екстремно десни во смисла дека им е блиска фашистичката идеологија, како кај радикалните популистички десни партии на Истокот. Станува збор за националистичка партија која негува културен конзервативизам, истакна Церети.
Според прелиминарни резултати врз основа на 99 проценти од преброените гласови, Шпанска социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на премиерот Педро Санчез, победи на изборите. ПСОЕ освои 123 мандати од вкупно 350 места во Парламентот. Партијата на центарот Граѓани доби 57 мандати, конзервативната Народна партија (ПП) освои 66 места, а левичарската Подемос доби 42 места.
Според освоените гласови ниту една партија не може сама да формира влада, па следи период на долги преговори за идната коалиција.