Договорот од Преспа стапи во сила на 12 февруари 2019 година со што важноста на пасошите со старото име истекува пет години подоцна, односно на 12 февруари годинава.

Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, а уставните измени за промена на името во Северна Македонија во Собранието беа изгласани на 11 јануари 2019 година. По излегувањето на измените во Службен весник во февруари 2019 година почнаа да течат петгодишните рокови согласно Договорот.

МВР вчера соопшти дека од 13 февруари годинава важат само пасошите и возачките дозволи со новото име. Личните карти, ќе важат и по 13 февруари, и граѓаните ќе можат да ги користат непречено на територијата на нашата држава.

-Ги замолуваме граѓаните со стари патни исправи воопшто да не се обидуваат да излезат од нашата држава затоа што тоа нема да биде возможно. Граѓаните со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат патните исправи од другата држава. Исто така, потенцираме дека било кој граѓанин на Република Северна Македонија кој ќе дојде на граничен премин за влез во нашата држава, ќе биде примен без оглед на тоа со каква патна исправа доаѓа. За излез, пак, од државата во земјите со кои имаме билатерални договори за патување со лична карта, граѓаните нема да бидат враќани од страна на нашите гранични полициски службеници доколку имаат лична карта со името Република Македонија, но не можеме да гарантираме дека ќе бидат примени од другите држави. Истото важи и за сообраќајните дозволи, како и за личните карти, стпо во соопштението од МВР.

Сегашниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, вели дека доколку се има политичка волја за еден ден ќе се реши проблемот со личните документи. Решението, според Тошковски, е измени на два закона, за лични документи и за безбедност во сообраќајот.

-Спремно ми е. Едниот Предлог на закон за измени на Закон за патни исправи на државјаните, еве го спремен е. Еве го другиот. Предлог на закон за изменување на Закон за безбедност во сообраќајот и патиштата. Еве ги спремни се, за еден ден. Решение има, само треба да имаат политичка волја, изјави вчеравечер Тошковски во интервју на телевизија Канал 5.

Спасовски лани во месец август  ги смируваше граѓаните дека нема да има казни за оние кои нема навреме да си ги заменат личните исправи.

Министерот Спасовски тогаш тврддеше дека нема да има казни и дека сите граѓани ќе може да ги ползуваат своите права без разлика на државното име на нивниот документ. Нема да има никаков проблем со остварувањето на правата. Според сегашната динамика сметам дека успешно ќе биде завршена измената на документите. Во ниту еден случај нема да стане збор за казнување на граѓаните, изјави во месец август 2023 година тогашен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.