Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун сака повторно да се сретне со него заради започнување нуклеарни разговори, откако ќе завршат заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја.

Трамп на Твитер изнесе  повеќе детали од „преубавото“ писмо на три страни што Ким му го испрати завчера.

Трамп, кој е на одмор во неговиот голф-клуб во Њу Џерси, вели дека Ким се пожалил на „смешните и скапи воени вежби“, кои Пјонгјанг ги гледа како закана.

Американскиот претседател вели дека Ким се извинил за неодамнешните ракетни тестови и го уверил дека тестовите ќе бидат стопирани кога ќе завршат вежбите.

– Се радувам што ќе го видам Ким во не толку далечна иднина, напиша Трамп на Твитер.

Северна Кореја вчера испука две балистички ракети со краток дострел, што е петто тестирање во последните три недели.