На 11-ти декември во Кавадарци ќе се отвори бугарскиот клуб Балкански коридор, а на чело на клубот е кавадарчанецот Добре Митрев (59), објавија повеќе медиуми.
По отворањето на бугарските клубови Иван Михајлов во Битола и Цар Борис Трети во Охрид, кои предизвикаа револт кај граѓаните, но и протести поради имињата на клубовите, името на клубот во Кавадарци не е спорно за граѓаните.
Сепак, многумина се прашуваат која е мисијата на овој клуб и стравуваат од потенцијални провокации. За Добре Митрев, роден во Кавадарци, сопруг и татко на две деца, пошироката јавност слушна кога пред две години тој беше избран за претседател на Здружението Македонско-бугарско пријателство во Скопје.
Тој по професија е правник, косопственик е на фирма за правни консултации, а во разговор за Фокус ги открива деталите за Балкански коридор.
Според официјалните податоци од бугарската изборна комисија, на парламентарните избори во Бугарија кои се одржаа во октомври, од Кавадарци 45 граѓани се пријавиле на гласање. На последниот попис во Македонија, пак, нешто повеќе од 3.000 граѓани се декларирале како Бугари.
Инаку, во Тиквешијата неизбриѓливи се трагите од стрелањето на 12 младинци од Ваташа во време на окупацијата на Македонија од тогашната фашистичка Бугарија. Па, новиот клуб може да предизвика обратен ефект од тој што се сака да биде промовиран како бугарско-македонско пријателство.