Во кавадаречко Конопиште се реализира проект ,,Мост на желбите под самовилски води”
Мост на желбите под самовилски води е именуван проектот што се реализира во кавадаречкото село Конопиште. Александра Димевска – Јокиќ, иницијатор за овој проект, појаснува дека целта е промоција на природните убавини и чистиот воздух во селото, оддалечено четириесетина километри од градот.
– Селото има идеални услови за развој на селскиот туризам. Дел од таа туристичка приказна ќе бидат кажувањата што се пренесуваат од колено на колено за самовилските води, но и мостот на желбите на самиот влез во селото, каде, секој што сака, може да си остави катанец верувајќи дека на тој начин ќе ја заклучи својата љубов кон љубеното лице, за да трае, или да остави марамче во знак на таа љубов, откри таа.
Притоа истакна дека во активностите се вклучени сите оние на кои селото нешто им значи, тука се постојано или повремено.
За таканаречените самовилски води се верува дека се лековити и се раскажува дека никогаш не пресушиле.
– Секој што сака, може да си замисли желба и да фрли метална паричка во водата, нагласува таа, додавајќи дека целиот овој простор ќе биде уреден во парк.
Своевремено, во ова село беше седиштето на тогашната Општина Конопиште, во која влегуваа неколку села.
Во селото сега има малкумина постојани жители, луѓе редовно доаѓаат за викенди и празници. Тука е фабриката ,„Горска” вода, но и Центарот за одвикнување од зависности од дрога и алкохол „Нарконон Балкан”, што постои 20 години и во природна средина и без лекови, од зависност се ослободуваат лица од земјава и странство. Во Конопиште има и рибник, камен околу кој од многу одамна се вртеле луѓе, верувајќи дека тоа ќе им донесе среќа, како и убавици од камен, камени кукли дело на мајката природа, што чекаат да бидат видени.