Турскиот научник Булент Сик е осуден на 15 месеци затвор бидејќи ја открил врската меѓу токсичното загадување на западот на Турција и опасноста од добивање рак затоа што, како што навел судот, тој открил „доверливи информации“.

Сик минатата година ги соопштил резултатите од научната студија спроведена од 2011 до 2015 година за турското Министерство за здравство, а од која е утврдено дека токсичноста на земјата, водата и на храната го зголемува ризикот од добивање рак во неколку турски провинции во западниот дел од земјата.

Научникот напишал неколку текстови на таа тема за весникот „Џумхуријет“ откако увидел дека властите не презеле ништо.

Сик, кој е на слобода откако поднел жалба на пресудата, изјавил дека студијата јасно посочува дека водните ресурси се токсични.

„Судската одлука покажува дека може да се сокријат резултатите од студија која се однесува директно на јавното здравје. Тоа е неприфатливо“, истакна тој.