Твитер најави нови мерки против профилите на руската Влада за да се намали ширењето на руската официјална пропаганда на социјалните мрежи.

Официјалните профили повеќе нема да им се препорачуваат на корисниците на Твитер во која било категорија на страницата или апликацијата, вклучително и пребарувањето, соопштија од компанијата.

Твитер веќе ги блокира профилите на руските медиуми РТ и Спутник во ЕУ. Москва одговори со ограничување на пристапот до Твитер во Русија.

– Нема да го олесниме ширењето пораки од официјалните профили на земјите кои го блокираат слободниот пристап до информации и се вклучени во вооружени меѓудржавни конфликти, без разлика дали Твитер ќе биде блокиран во таа земја или не, соопшти компанијата.

– Кога владата го блокира или ограничува пристапот до дигиталните услуги, но продолжува да ги користи тие услуги за сопствена комуникација, тоа создава сериозен дисбаланс, додадоа од Твитер.