УЕФА размислува да го пресели финалето на Лигата на шампионите на друг стадион, објавија голем број европски медиуми. Настанот требаше да се одржи во Истанбул на 30 мај, но Европската фудбалска централа размислува да ја одземе организацијата на последниот натпревар на градот заради воената акција на турската армија во Сирија.
Потпретседателот на УЕФА, Мишел Ува откри дека таквата опција се разгледува, но досега нема официјална одлука. Ако има, таа ќе биде донесена од раководството.
– Ние ја играме нашата улога и го поддржуваме ставот за целосна автономија на фудбалот од политиката. Но, кога ОН, Европската унија, САД, дипломати и амбасадори имаат дефинитивно мислење за случајот, не можеме да останеме со затворени очи. Но, во крајна линија реториката на УЕФА се заснова на правилата на централата, а последниот збор е на извршниот комитет и претседателот Чеферин, рече Ува, а неговата позиција ја поддржа италијанскиот министер за спорт, Винченцо Спадафор, кој се обрати лично до Чеферин го замоли да го пресели финалето на ЛШ на друг стадион.