Во следните денови времето во Македонија ќе биде многу топло со натпросечни температури за овој период од годината и ќе биде активирано портокалово ниво на опасност од високите температури.

Утринските температури утре ќе се движат од 14 до 22 степени, а дневните од 32 до 41 степен, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Во Скопје утринската температура ќе достигне до 22 степени, а дневната до 40 степени.

Наместа вдолж Повардарието температурата ќе го надминува 40-тиот степен.

Во понеделник ќе дува засилен ветер од западен, а попладне од северен правец кој ќе предизвика благо опаѓање на температурите во северните делови, а во јужните ќе се задржат високите температури, информира УХМР.