Компромисен предлог за распоредување на бегалци во Европа е поднесен од бугарското претсдателство со ЕУ пред  јунскиот самит на Унијата. Прашањето е болно за ЕУ, зашто и досега земјите не сакаа да ги преземат обврските еднаш договорени, а сега се поставува прашањето дали планот кој го предлага Бугарија е реалистичен? Прва директно се конфронтираше Унгарија која смета дека планот е опасен за Европа.

Планот е потпишан од Лилјана Попова, министерката која го координира ротирачкото претседателство на Бугарија. Со него се предвидува во случај на наплив на бегалци, како во летото 2015, да се активира автоматски систем на распоредување. За периодот додека се контролира бегалскиот прилив, им се дава поддршка на земјите кои ќе прифаќаат бегалци, како и финансика поддршка. Прифатот би бил на доброволна основа.

Планот за релокација на бегалците од Грција и од Италија низ ЕУ пропадна откако повеќе земји пред се од Источна Европа одбија да прифаќаат бегалци или ги отворија вратите само за христијани. Новиот предлог на Софија сега игра на картата – доброволен прифат кој ќе оди со поддршка и со финансискка помош.

„Дали компромисот ќе биде решение? Очигледно не. Ако имаме повторно ситуација во Грција, ако ја оставме Италија сама, тоа не е решение ако кажете дека прифаќате редистрибуција кога состојбата ќе стаса до ниво како во 2015година. Ние бараме промени во Даблинскиот режим“, вели за Дојче веле Габи Кимер, шеф на европската левица во Стразбур.

Шест политички групи денеска во Стразбур постигнаа согласност за ревизија на Даблин, но прашањето повторно ќе се најде во рацете на националните влади и парламенти, па може да се очекува тие да не ги следат европарламентарците.

Првиот јасен одговор и предизвик за планот на Софија стигне од Унгарија. Според официјална Будимпешта бугарскиоит предлог во суштина значи „доколку дојдете во голем број, вие ќе бидете редистрибуирани; значи, многу од вас можат да дојдат“. Министерот за надворешни работи, Петер Сијарто вели:„Ова значи покана за имигрантите, што е против европските безбедносни интереси“.

Сијарто оценува дека бугарскиот предлог е „алармантен“ и „ќе претставува сериозна закана“ за Европа и јасно стави до знаење дека Унгарија не сака да биде крајна дестинација во случај не голем бегалски бран и потенцира дека ќе ги заштити своите јужни граници „со сите свои расположливи средства“.