Унгарскиот парламент денеска го донесе пакет-законот под назив „Стоп за Сорос“, со кој се овозможува кривичен прогон на невладини организации, ако тие помагаат на нелегални мигранти.

Премиерот Виктор Орбан, по победата на последните избори, вети дека ќе предложи таков закон, кој во парламентот е изгласан со 160 гласови „за“ и само 18 „против“.

Орбан уште од порано покрена кампања против Џорџ Сорос (87), американски шпекулант и милијардер со унгарско потекло, кого го обвини дека преку невладините организации кои ги финансира, поттикнува масовно доселување во Европа.

Со новиот закон е предвидена казна до една година затвор за секој што ќе му помага на лице кое нелегално влегло во Унгарија од земја која не е во Шенгенската зона. Казни нема ако мигрантот добил помош додека бил изложен на некаква непосредна опасност.

Пред усвојувањето на законот, донесена е и измена на Уставот, според која не смее да се загрози составот на унгарското население. Таа уставна одредба е со цел да ги прогласи за неуставни мигрантските квоти, кои и се наложуваат и на Унгарија од страна на Европската унија.

Измената на Уставот, исто така, „забранува бескуќништво“, а отвора можност за формирање на нови судови за случаи кои се однесуваат на јавната управа и се потенцира дека државата мора да ја брани христијанската култура на Унгарија.

За оваа измена гласале 159 пратеници, а само пет биле против.