Децата во Газа умираат во болки поради недостаток на итен медицински третман, како резултат на одлуката на израелските власти да одобруваат се помал број медицински транспорти по затворањето на преминот Рафа, соопшти Меѓународниот детски фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ).
-Додека претходно беа евакуирани до речиси 300 деца месечно, тој број сега се намали на помалку од едно дете дневно, додека залудно се чека за безбедносни дозволи од израелските власти кои ги контролираат излезите од Газа, изјави претставникот на УНИЦЕФ, Џејмс Елдер, на брифинг на Обединетите нации во Женева, јавија британските медиуми.
Елдер рече дека „како резултат на тоа, децата во Газа умираат, не само од бомби и куршуми, и гранати што ги погодиле“.
-Дури и кога се случуваат чуда, дури и кога експлодираат бомби и се уриваат домови, а жртвите се зголемуваат, но детето преживува, тие се спречени да ја напуштат Газа за итна медицинска помош, што може да им ги спаси животите, рече Елдер.
Израелските власти досега не се огласуваа кога е поднесено барање за медицинска евакуација што е одбиено и немаше објаснување за секоја донесена одлука.
фото:МИА архива