Унијата на Здружението на медицинските сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри (ЗМСТАС) предводена од ЗМСТАС – ЗА НАС најостро го осуди нападот на медицинската сестра, кој вчера вечер се случи во поликлиниката во Драчево.

-Ова не е прв пат медицинските сестри да бидат изложени на напади. За жал, сметаме дека голема улога има и тоа што се уште немаме Закон за нашата дејност. До кога треба да се чека да се променат работите во нашата држава? Се чини дека дискутираме само тогаш кога ќе се случат немили настани како овој, истакнаа од Унијата.

Нагласуваат дека е недопустливо е да се дозволи сестринската фела да биде изложена на нехуманост.

-Апелираме до надлежните, особено до Министерството за здравство да ги превземат сите потребни активности за разрешување на случајот, но и пронаоѓање соодветно решение да не се повторуваат истите дејствија, реагираат од извршниот одбор на Унијата предводена од ЗМСТАС – ЗА НАС.

За инцидентот денеска информира Министерството за внатрешни работи.  Вчера околу 20:50 часот во СВР Скопје било пријавено дека во поликлиника Драчево Ј.Г.(41) физички ја нападнал М.Л.(60), медицинска сестра.

Против Ј.Г по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок, соопшти МВР.