Освојувачот на годинешниот Вимблдон, Новак Ѓоковиќ, нема да може да настапи на последниот грен-слем турнир сезонава Ју-Ес Опен, соопштија денеска организаторите.

Ѓоковиќ се најде на листата учесници на грен – слемот во Њујорк, но организаторите најавија дека ќе ја почитуваат одлуката на американските власти, со која на невакцинирани странски државјани им е забранет влез во земјата.

– Ју-Ес Опен не воведе задолжителна обврска за вакцинација за своите учесници, но ќе ја почитува одлуката на Владата на САД, која се однесува на влез во земјата за невакцинирани неамерикански државјани, соопштија организаторите.

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ повеќе пати повтори во минатото дека нема да се вакцинира против коронавирусот.