Жителите на источниот регион масовно ќе се имунизираат во спортската сала „Јордан Мијалков“, која е на Универзитетот „Гоце Делчев“, а се наоѓа во штипската населба Сењак. Директорката на Здравствениот дом „Панче Караѓозов“-Штип, Снежана Трајковска за МИА вели дека оваа сала е најголема во градот Штип, а веќе е направена и обиколка на објектот.

-Во текот на наредната недела треба да утврдиме колку пунктови за вакцинирање ќе имаме точно, првично се над 20, а според првичните проекции дневно ќе може да се имунизираат од 1.000 до над 2.000 жители од регионот. Уредувањето на салата и прецизирањето на сите детали ќе биде во текот на наредната недела, вели Трајковска.

Забележува дека организацијата на имунизацијата на населението ќе биде по примерот во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје. Во целата организација ќе учествуваат вработените од Здравствениот дом „Панче Караѓозов“-Штип, потоа здравствен персонал од Клиничка болница и Центарот за јавно здравје, а ќе се вклучат и студентите од Медицинскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, како и волонтерите на Општинската организација на Црвен Крст.

Спортската сала „Јордан Мијалков“ се наоѓа во новиот и урбанистичски среден дел на градот Штип,  граѓаните од општините од Брегалничкиот регион нема да влегуваат во централното градско подрачје, туку ќе имаат брз влез и излез преку мини обиколницата и новиот мост на реката Брегалница, со што ќе се избегнат сообраќајните гужви низ градот.

Во штипската Клиничка болница денеска се хоспитализирани 89 пациоенти, од кои 55 се на постојана кислородна поддршка. Битката со коронавирусот ја загубија три лица од Пробиштип, Свети Николе и Радовиш, најмладиот пациент е на возраст од 52, а највозрасниот на 75 години.